Вимблдон заврши и до крајот на сезоната останува уште еден Гренд слем, а тоа е за Отвореното првенство на САД. Популарниот УС Опен започнува на крајот на август, а Новак Ѓоковиќ ќе се обиде да ја освои 25-тата Гренд слем титула во својата кариера.
Почесто отколку што сме навикнати, Новак Ѓоковиќ се повредува на Гренд слем турнирите. На Отвореното првенство на Австралија, тој се повреди во четвртфиналето против Карлос Алкараз и мораше да се повлече од полуфиналето против Александар Зверев. На Вимблдон, тој се повреди во четвртфиналниот натпревар против Флавио Коболи и не беше во можност да игра на високо ниво против Јаник Синер.
Новак во својата кариера има освоено 100 титули, од кои 24 беа гренд слем, а шанса за својата 25-та ќе има во Њујорк, на Отвореното првенство на САД, кое започнува на 24 август.
Со 109 освоени титули, Џими Конорс е сè уште најтрофејниот тенисер во историјата. И тој рекорд е еден од ретките што сè уште не се во рацете на Новак Ѓоковиќ. Но, славниот Американец не губи надеж дека Србинот ќе стигне до 25-от Гренд слем во неговата кариера.
„Не го отпишувам уште! Лошата работа во врска со неговите резултати оваа сезона е што ако не се врати меѓу првите четири на АТП листата, повторно ќе има тешкотии додека не ги стигне Синер и Алкараз. Тоа е лоша страна за Новак, за некој што има 37-38 години. Но, не го отпишувам. Кога имаш храброст – имаш храброст. И таа повторно ќе се појави“, вели Конорс.
Легендарниот Американец додава дека очекува Ѓоковиќ да извади уште некој „џокер од ракавот“ и повторно да изненади на турнирот во Њујорк кој започнува за нешто повеќе од еден месеци
„Имам чувство дека воопшто не му се допадна резултатот во полуфиналето на Вимблдон. Да се изгуби во три сета така… Новак не е навикнат на тоа, не е тој тоа, не е негова игра. Значи, верувајте ми, овој човек би можел да дојде на УС Опен со неколку трикови во ракавот што би можеле да изненадат многу луѓе. И да ви кажам вистината – би сакал да го видам тоа“, заврши Конорс.