Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон ќе остане запаметен како еден од најдобрите чувари на мрежата во историјата на фудбалот. Сепак, голманот кој официјално му кажа збогум на фудбалот пред две години има порака за италијанскиот фудбал, за којшто вели дека е непрепознатлив.
„Дваесет години се срамиме од тоа што сме. Дваесет години чувствувам дека мора да играме како Шпанија, се откажавме од нашата историја. И поради тоа талентот исчезнува. Играчите како Ферара или Канаваро денес би се срамеле да ги стават на терен. Кјелини денес не би играл затоа што нема добро додавање“, вели Буфон.
Италијанецот има свој коментар и за дуелот на Интер и Барселона од полуфиналето на Лигата на шампионите.
„Одиш во Барселона и плаќаш карта, но да помислиш дека можеме да играме со висока одбрана на средината од теренот цели деведесет минути… Историските натпревари на Италија се темелат на одбрана до смрт, на ограничување на противничкиот тим, на кохезија во резултатот. Сега изгледа како да ни е непријатно, како да не сме прифатени во ‘високото друштво’ на фудбалот ако не играме така. Сакам да излезам на терен и да се обидам да победам и нема ништо срамно во тоа што тоа го правиме на наш начин“, додава легендарниот голман.