Македонскиот фудбалски првак Шкендија утревечер ќе гостува во Турција на Самсунспор во реванш мечот од баражот за пласман во осминафиналето на третото по ранг натпреварување на УЕФА. По првиот меч кој се играше во Скопје, Самсунспор има предност од 1:0, што значи дека е во фаворитска улога на утрешниот реванш пред своите навивачи.
Пред неполни 10 дена Самсунспор за нов тренер го назначи познатиот некогашен германски репрезентативец Торстер Финк, кој верува дека неговиот тим ќе оди понатаму, но повикува и на претпазливост пред утрешната пресметка.
„Ова ќе биде мој прв меч пред домашната публика. Секако дека да се стигне до оваа фаза од натпреварувањето е историја за клубот. Испишуваме историја на клубот во овие мечеви. Кратко време сум тука, но ја чувствувам енергијата на тимот, на клубот. Добро игравме и во Скопје, и против Караѓумрук. Имавме посед, сакам таа енергија да ја покажеме и утре. Апсолутно ни е потребна победа“, рече Финк.
Стратегот на Самсунспор најави поофанзивна постава во однос на таа што играше на првиот меч во Скопје.
„Можеби ќе направиме измени. Можеби ќе настапиме со два напаѓачи. Не сакаме да чекаме, да тактизираме. Сакаме да нападнеме. Сакаме игра со енергија и самодоверба. Секако, потребни ни се и навивачите за да го постигнеме тоа“ – рече Финк на официјалната прес конференција пред утрешниот меч против Шкендија.

