Кристијано Роналдо е рекордер по бројот на настапи во европските купови. Португалецот одигра 197 меча во натпреварувањата на УЕФА пред да се пресели во Саудиска Арабија, а тогаш сите мислеа дека овој рекорд е недостижен.
Сепак, така не мисли легендарниот голман Пепе Реина, кој брани и во својата 41-ва година. Шпанецот во моментов е на голот на Виљареал и синоќа го забележа својот 192-ри настап во евро-куповите, но со оглед на тоа дека загубија со 4-0 од Марсеј, Реина оваа сезона ќе одигра само уште еден меч, па така ќе му недостигаат уште четири натпревари за да го мине Кристијано Роналдо.
Тој неодамна изјави дека нема намера да се пензионира и планира да брани и следната сезона, па доколку тоа биде во екипа кој ќе игра во натпреварувањата на УЕФА, тогаш Реина со сигурност ќе го мине португалецот.
Пепе Реина во својата кариера освен за Виљареал, во евро-куповите играше и за Барселона, Ливерпул, Наполи, Баерн Минхен, Милан, Астон вила и Лацио.
Шпанскиот голман во евро-куповите дебитираше во далечната 2000-тата година во дресот на „каталонците“.