Јапонската фудбалска легенда Кеисуке Хонда тврди дека изгубил рекламeн договор во Соединетите Американски Држави откако јавно ја поддржал репрезентацијата на Иран да настапи на претстојното Светско првенство.
Хонда откри дека рекламната кампања на една американска компанија, чие име не го наведе, била ставена „на чекање“ откако на социјалната мрежа „X“ објавил порака дека сака Иран да учествува на Мундијалот кој заеднички го организираат САД, Канада и Мексико.
„Знам дека ова е многу чувствителна тема, но лично сакам Иран да учествува на Светското првенство“, напиша 39-годишниот Јапонец во објава во четвртокот.
Еден ден подоцна тој објави нова порака во која навести дека токму таа изјава довела до прекин на соработката.
I know it’s very sensitive thing but I personally want them participate the World Cup ⚽️ https://t.co/MxO2K4OPLl
— Keisuke Honda (@kskgroup2017) March 12, 2026
„Изгледа дека оваа изјава доведе до тоа една американска компанија да ја откаже рекламата што требаше да биде реализирана пред Светското првенство“, напиша Хонда.
Тој додаде дека не сака да има врска со компании кои, како што вели, донесуваат одлуки врз основа на погрешно размислување.
Иако репрезентацијата на Иран се квалификуваше за турнирот, нејзиното учество на Светското првенство сè уште е под знак прашалник поради воениот конфликт меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга.

