11.8 C
Skopje
вторник, 9 декември 2025

Легендарниот Кањизарес со совет до Столе Димитриевски: „Оди си од Валенсија!“

Поранешниот голман на Валенсија и легенда на клубот, Сантијаго Кањизарес, жестоко ја критикуваше ситуацијата на Столе Димитриевски на „Месталја“, оценувајќи дека македонскиот репрезентативец мора итно да размисли за заминување. Според него, клубот не исполнил ниту едно од ветувањата кои му ги дал при потписот.

Кањизарес нагласува дека Валенсија води хаотична и штетна политика кога станува збор за голманската позиција, а најмногу страда токму Димитриевски. Наместо да се дава континуитет на голман кој може да биде долгорочна опција, клубот цела сезона го фаворизира Хулен Агирезабала, позајмен од Атлетик Билбао. Така, како што вели Кањизарес, Валенсија создава вредност за друг клуб, додека Столе останува во сенка.

„Ако две сезони по ред не реализираш ништо од она што му било ветено на играчот, логично е тој да размисли за заминување. По мое мислење, Димитриевски треба да си оди. Очигледно е дека клубот ќе го пушти веднаш штом се појави соодветна понуда“, истакна Кањизарес.

Димитриевски пристигна како слободен играч со јасна цел да биде наследник на Мамардашвили, но наместо тоа, остана во втор план зад Агирезабала, чие останување зависи од плаќање на 10 милиони евра по крајот на сезоната.

„Ова само покажува дека клубот нема јасен план за Димитриевски. Најдобро за него е да најде средина каде што навистина ќе биде ценет“, порача легендата на Валенсија.

- Оглас -

Најнови вести