Шпанскиот град Валенсија е едно од најпогодените подрачја од поплавите кои однесоа над 70 луѓе. Поплавите направија хаос во градот каде што живее и еден од легендарните шпански голмани, Сантијаго Кањизарес, кој не можеше да верува што се случува.
„Ова е драма од колосални размери. Се плашам што ќе видам кога ќе дојдам во куќата. Се надевам дека Господ ќе рече поинаку, но се плашам дека ова е само почеток“, рече Кањизарес.
„Мојата драма не може да се спореди со таа на луѓето кои ги загубија најблиските. Претпоставувам дека патот до мојата фарма е целосно уништен и дека веќе никогаш нема да ги видам моите животни. Моите деца не беа во училиште. Треба да направиме простор Брзата помош полесно да поминува низ улиците“, рече Кањизарес.
Легендарниот голман ја заврши кариерата во 2008 година во дресот на Валенсија, клуб за којшто настапи на 305 натпревари. Бранеше и за Реал Мадрид, Селта Виго, Елче и Мерида. Во дресот на шпанската репрезентација имаше 46 настапи.