Хари Кејн беше на добар пат да стане најдобриот стрелец во историјата на Премиер лигата, но одлучи да ја напушти Англија и да потпише за Баерн Минхен. Неговиот изговор тогаш беше дека сака да освојува трофеи, а тоа може да го направи со Баварците.
Сепак, и две години од заминувањето на Кејн од Тотенхем, легендарниот англиски репрезентативец Мајкл Овен не може да се помири со неговата одлука.
„Хари Кејн е убиствен напаѓач. Тој е брилијантен реализатор. Навистина брилијантен. Но, не се согласувам со неговата одлука да замине во Германија. Бев искрен по тоа прашање. Сè уште мислам дека е лудост. Ти си на пат да станеш најдобар стрелец во историјата на Премиер лигата. Имаш деца кои сè уште се во училиште. Не можев да го разберам тоа. Ако толку сакаш да освоиш нешто, можеше да останеш уште една година и потоа да си заминеш некаде. Титула со Баерн Минхен во Бундеслигата е исто како да одиш во Селтик и да ја освоиш титулата во Шкотска, победуваш секоја година, но тоа не е големо достигнување. Вистинското достигнување е да станеш најдобриот стрелец во историјата на Премиер лигата. Тоа би било неверојатно, а можеби попатно ќе освоиш и трофеј“, вели Мајкл Овен.