Бразилецот Џоване Елбер постигна 139 гола за шест сезони во дресот на баварскиот гигант Баерн, сега е амбасадор на клубот, а во интервју за шпанскиот „Ас“ се осврна на повеќе теми, меѓу кои и разликите во фудбалот од времето кога тој настапуваше и сегашноста.
Елбер смета дека Светското клуско првенство е одлично искуство, особено за јужноамериканските тимови кои уживаат бидејќи не секогаш имаат можност да се натпреваруваат против врвните европски клубови.
„ПСЖ е најдобриот тим во моментов. Го докажа тоа против Интер и Атлетико. Победата од 5-0 во финалето на ЛШ беше спектакуларна. Секако, Реал Мадрид е тим што најдобро знае како да игра во ваков вид натпреварување, Баерн Минхен, исто така“, вели Елбер.
Како некогашен голгетер на Баерн, тој се осврна и на сегашниот прв шпиц на Баварците, Хари Кејн.
„Многу е добар! Тој постигнува голови, но му помага на тимот за сè што е потребно, помага во одбраната, во средниот ред, дава голови, асистенции. Тој е повеќе 10-ка отколку класична 9-ка, но многу е смирен пред голот и затоа постигнува толку многу голови. Кога го гледам Кејн, велам: „Тој има сè“. Само помислете, тој трча по 13 километри по натпревар, а јас кога играв… трчав само по два! Стоев во шеснаесетникот и чекав. Ми велеа не се враќај назад за да се браниш, има други за тоа, хахаха“, вели Елбер.
Тој жали што Бразилците немаат напаѓачи како Роналдо, Ривалдо, Роналдињо, Ромарио, Бебето, но се надева дека следната година може да станат светски шампиони.
„Ова е фудбал, никогаш не се знае. И за Миндијалот во 2002 година имавме многу тешкотии да се квалификуваме, а станавме светски шампиони. Реалноста е дека Бразил веќе две години не игра одличен фудбал, но затоа мислам дека можеме да победиме во 2026 година. Работите не можат да бидат полоши од ова што е сега“, заклучува Елбер во разговорот за „Ас“.