Фреди Ринкон, еден од најдобрите колумбиски фудбалери, почина како последица на сообраќајната несреќа што пред два дена се случи во неговиот роден град Вајл де Каучи. Ринкон со својот автомобил поминал на црвено светло на раскрсница и бил удрен со голема брзина од автобус кој доаѓал од другата насока. Веднаш бил префрлен во болница, но лекарите не успеале да го спасат неговиот живот. Имаше 55 години.
Ринкон, кој играше на позицијата офанзивен играч за врска, имаше одлична кариера која му траеше од 1988 до 2004 година, а настапуваше за јужноамериканските екипи Санта Фе, Америка Кали, Палмеирас, Коринтијанс, Сантос и Крузеиро, додека во Европа го носеше дресот на Наполи, а краток период играше и за Реал Мадрид.
Се радуваше на две титули во Колумбија со Америка Кали, еднаш беше бразилски првак со Палмеирас, додека со Коринтијанс освои две титули во Бразил, а беше дел и од шампионскиот тим кој се радуваше на првата Светска клупска титула во 2000 година.
Во дресот на колумбиската репрезентација одигра 84 меча и постигна 17 голови, меѓу кои е и „најважниот гол во историјата на колумбискиот фудбал“, кога погоди против Германија на Мундијалот во 1990 година. Во последната минута од мечот му даде гол на Боди Илгнер, со кој Колумбија за првпат во историјата ја помина групната фаза на едно Светско првенство. Ринкон играше вкупно на три Мундијали за Колумбија.