Легендарниот Роналдо Назарио го откри најлошиот соиграч во кариерата (Видео)

Легендарниот Бразилец Роналдо Назарио де Лима (48) беше гостин кај својот сонародник Ромарио во неговата емисија на јутјуб каналот, каде што откри кој бил најлошиот соиграч со кој го делел теренот.

За време на отворениот и пријатен разговор, Роналдо без двоумење го кажа името на фудбалерот кој бил најмалку талентиран, а тоа е едно многу познато име.

Како што рече Роналдо, најлошиот играч со кој играл бил Томас Гравесен, со кого ја делеше соблекувалната во Реал Мадрид. Данецот е познат како еден од најгрубите фудбалери од почетокот на овој милениум.

„Навистина беше одличен човек, многу фин. Неодамна освои покер-турнир за 50 милиони долари или нешто слично, но во фудбалот беше многу слаб. Играше грубо, силно маркираше и удираше. Тоа беше смешно“, се присети Роналдо на Гравесен.

Роналдо и Гравесен беа соиграчи во Реал во сезоната 2005/06 и во претходната полусезона, откако Гравесен пристигна на „Бернабеу“ од Евертон во јануари 2005 година за 3,4 милиони евра.

Роналдо откри и кои биле соиграчите со кои најмногу уживал да игра.

„Најдобрите беа Роналдињо во репрезентацијата и Зидан на клупско ниво. Зизу имаше голема класа, беше различен, неверојатен техничар и сè правеше да изгледа лесно“, изјави двократниот освојувач на „Златната топка“ (1997 и 2002 година).

За време на разговорот со Ромарио, Роналдо се присети и на соиграчот кој имал најмалку технички вештини, а тоа според него бил Амарал. Станува збор за дефанзивен играч од средниот ред од Бразил, кој одигра 14 натпревари за репрезентацијата и настапуваше за клубови како Парма, Бенфика, Палмеирас, Коринтијанс, Фиорентина, Бешикташ.

„Многу трчаше, но од десет топки ќе изгубеше девет“, се пошегува Роналдо.

- Оглас -

Најнови вести