Точно пред 20 години, Марат Сафин беше најдобар тенисер во светот. Русинот кој во текот на својата играчка кариера често знаеше да даде контроверзни изјави, овојпат се огласи и со своја теорија околу пандемијата со Коронавирусот. Освојувачот на два Гренд слем турнири верува дека овој вирус не е случајно појавен и дека постои многу потемна страна околу целата ситуација.
„Луѓето да започнат да се подготвуваат да бидат чипирани. Бил Гејтс уште во 2015 година зборуваше дека нѐ чека пандемија, дека нашиот следен противник ќе биде некој вирус, а не нуклеарна војна. За време на економскиот форум во Давос направија и симулација како сето тоа треба да изгледа. Бил Гејтс не е видовит, тој едноставно знаел дека ова ќе се случи“, вели Сафин, кој додава дека не верува дека вирусот е толку опасен, но сепак ќе мора да се соочи со тоа да добие чип.
„Мислам дека ситуацијата со вирусот не е таква каква што ни ја претставуваат. Но, луѓето веруваат во сѐ, веруваат во хорор приказните кои ги пласираат на телевизија. Некои дури веруваат дека ова е и крај на цивилизацијата, но јас не верувам во тоа. Само знам дека наскоро сите ќе бидеме со чипови во нас“, додава Сафин, кој ги обвинува светските моќници за целиот хаос во кој се најде планетата.
„Луѓето од целиот свет седат заклучени по дома и моќниците сега може да прават што сакаат. Постојат луѓе кои се помоќни и од светските лидери на земјите, тоа се луѓето кои навистина ги контролираат парите, тие се владетелите на светот и многу лесно може да креираат такво сценарио“, заврши Сафин со својата теорија за целата ситуација во која се најде светот.