Екипата на Реал Сосиедад минатата сезона заврши на четвртото место во шпанската Примера дивисион и со тоа обезбеди место во Лигата на шампиони. Тимот од Сан Себастијан ги започна подготовките за новата сезона, но веднаш се соочи со сериозен проблем.
На последниот тренинг, искусниот Давид Силва заработи тешка повреда и на носилки беше изнесен од теренот. По дуел со еден соиграч, искусниот 37-годишен Силва остана да лежи на тревата. Лекарите веднаш реагираа, Силва беше пренесен во болница, а од таму вестите не беа добри.
Силва има сериозна повреда на коленото. Се работи за скинати лигаменти на коленото, повреда која бара мирување повеќе месеци. Со оглед на тоа дека Силва веќе има 37 години, нема да биде изненадување, ова да биде и крај на кариерата на фудбалерот кој 10 години беше дел од Манчестер сити, а има играно и за Селта Виго, Еибар и Валенсија, а во дресот на шпанската репрезентација одигра 125 натпревари.