Шпанската кошаркарска ѕвезда Рики Рубио се појави во јавноста по пауза од неколку месеци и соопшти дека ја напушта НБА-лигата и ја завршува професионалната кариера. Рубио изненадувачки изјави дека сака да се повлече од кошарката и да се посвети на менталното здравје.
Од август минатата година досега никој немаше слушнато ништо за Рубио, а 33-годишниот кошаркар денеска ѝ се обрати на јавноста.
„На 30 јули ми беше една од најтешките ноќи во мојот живот. Паметот ми беше на мрачни места. Некако знаев дека одам во тој правец, но не ни можев да поверувам дека немам контрола над ситуацијата. Веднаш потоа решив да ја завршам кариерата“, започна Рубио во своето обраќање, а потоа продолжи.
„Еден ден, кога ќе дојде вистинско време, би сакал да го споделам своето искуство за да можам да им помогнам на другите што поминуваат низ слични ситуации. Дотогаш би сакал да го задржам мојот приватен живот затоа што уште се борам. Горд сум што можам да кажам дека се чувствувам многу подобро од ден на ден“, вели Рубио.
Овој бек-шутер кариерата ја започна во 2005 година во Хувентут Баделона, а потоа две години играше за Барселона. Во 2011 година направи трансфер во НБА и заигра за Минесота. Во најсилната кошаркарска лига ги носеше дресовите и на Јута, Феникс, а последен клуб за којшто играше е Кливленд. Со репрезентацијата на Шпанија беше светски првак во 2019 и двапати европски шампион во 2009 и 2011 година.