По спектакуларниот меч од ФА купот, на кој Евертон по продолженија го победи Тотенхем со 5-4, менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, изјави дека средбата го потсетувала на брканица на мачка и глушец, но во англиските медиуми го потсетија на една негова изјава од 2004 година, кога по меч кој заврши 5-4 рече дека тоа е хокејски резултат и дека тој би ги казнил своите играчи за таква лоша одбрана.
„И задоволен сум и не сум. Креиравме шанси, дававме голови, покажувавме карактер. Проблемот е што напаѓачкиот фудбал носи победи само ако тимот не прави грешки. Ни четири гола не ни беа доволни. Ми личеше како игра на мачка и глушец. Глушецот беа нашите грешки, а играчите од нападот беа како мачки, се обидуваа да ги поправат грешките“, изјави Мурињо.
Пред 17 години, само што дојде од Порто во Челзи, Мурињо по еден меч на Тотенхем и Арсенал, кој заврши со 5-4 за Топчиите, се потсмеваше.
„Тоа е хокејски, а не фудбалски резултат. На тренинг, кога играат три на три на мали голови, ако мечот им заврши 5-4, веднаш ќе ги испратам играчите во соблекувална, тоа ќе значи дека не играле одбрана. Кога во игра 11 на 11 имате ваков резултат, тоа е грозно“, рече тогаш Специјалниот.