12.8 C
Skopje
четврток, 11 декември 2025

Легендата Бутрагењо доби македонски дрес од делегатот на Реал Мадрид – Манчестер сити

Филип Поповски доби уште едно големо признание од УЕФА со ангажманот како делегат на синоќешното мегадерби од групната фаза во Лигата на шампионите помеѓу Реал Мадрид и Манчестер сити на „Сантијаго Бернабеу“.

„Престижниот ангажман претставува силна потврда за угледот на македонските фудбалски професионалци и на Фудбалската федерација на Македонија во европските фудбалски структури. Поповски останува еден од највисоко котираните македонски претставници во УЕФА, редовно ангажиран како делегат на врвни меѓународни натпревари. Поранешниот прв оперативец во „Куќата на фудбалот“ беше делегат и на финалниот натпревар на последното Европско првенство, признание кое го потврдува неговото долгогодишно искуство и довербата што ја ужива“, соопштија од ФФМ.

За време на престојот во Мадрид, Поповски беше пречекан од легендарниот Емилио Бутрагењо, кој е задолжен за протоколот на Реал Мадрид. Легендарниот некогашен фудбалер на Кралскиот клуб и на шпанската репрезентација, со симпатии се присети на гостопримството во Македонија и на топлото скопско лето за време на УЕФА Суперкупот во 2017 година.

„Разговорот ги врати и спомените за Кирил Дојчиновски, кој му беше тренер на Бутрагењо во Мексико, а подоцна повторно се сретнаа и во Скопје. Ангажманот на Поповски на еден од најгледаните натпревари во светскиот фудбал е уште една силна потврда за квалитетот, професионалноста и довербата што македонските претставници ги уживаат во УЕФА“, заклучија од нашата Фудбалска федерација.

- Оглас -

Најнови вести