Легендата Маноло го продава својот тапан за да има што да јаде?!

Мануел Касерес Артесеро, познат како Маноло „Ел бомбо“, е најпознатиот навивач на шпанската фудбалска репрезентација. Тој секаде каде што патува со Црвената фурија, со себе го носи препознатливиот тапан, но корона-вирусот придонесе 71-годишниот Маноло да почне да размислува за прекинување на повеќедецениската традиција и да се раздели со најпознатиот реквизит.

„Ако наскоро не добијам некоја помош, ќе го направам тоа што велев дека никогаш нема да го направам, ќе мора да го продадам својот тапан за да имам што да јадам. Порано одбивав огромни суми пари за тапанот, сега не знам што да направам“, се пожали Маноло, кој од 1979 година наваму има пропуштено само неколку меча на шпанскиот национален тим, без разлика каде се играле мечевите.

Маноло своите приходи пред корона-вирусот ги имаше од неговото кафуле во близината на стадионот „Месталја“ во Валенсија. Во Шпанија е дозволено користење само 20 проценти од капацитетот на угостителските објекти, и тоа на летните бавчи, па Маноло постојано е во загуба од 15 март наваму. Има најави дека наскоро ќе се дозволи користење на 50 проценти, но и тоа нема многу да му помогне на навивачот кој е популарен во целиот свет.

„Загубив многу пари поради неможноста да го отворам барот“, вели Маноло, кој има месечна пензија од 800 евра, но од тоа, 420 ги одвојува за хипотека.

Маноло е еден од промотерите на кандидатурата на Шпанија за домаќин на СП 2026 година. Желба му е тогаш и на свој терен да се прости од навивањето.

- Оглас -

Најнови вести