Англиската фудбалска легенда Џон Барнс претходниот викенд престојуваше во Македонија. Човекот кој има преку 400 настапи за Ливерпул и постигнато дури 106 погодоци беше гостин во Битола во организација на навивачите на англискиот гигант во Македонија. Спортската обложувалница Sport Life како општествено одговорна компанија која секогаш е тука да го помага и да го промовира спортот, беше еден од покровителите за доаѓањето на Барнс, кој има одиграно и 79 меча за Англија, а постигнато 10 погодоци за Гордиот Албион.
Барнс имаше тридневна дружба заедно со неколку стотина фанови на Ливерпул, а кулминацијата беше заедничкото гледање на четвртфиналната пресметка во ФА Купот против Манчестер сити. За жал на фановите на Црвените, нивниот омилен тим загуби убедливо со 4:0 и беше елиминиран. Поразот беше разочарувачки, но сепак останува за паметење одличната дружба на Барнс со фановите кои освен од Македонија, дојдоа и од Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија…
Англиската фудбалска легенда беше презадоволна од гостопримството кое го доби во Битола и едноставно уживаше во прекрасната организација на овој настан.
„Не сум изненаден што во Македонија има толку многу навивачи на Ливерпул. Сум бил насекаде во светот, во Кина, Индија, Малезија, Уганда, Руанда и секаде има многу навивачи на Ливерпул. Македонија е на само 2-3 часа авионски лет од Ливерпул. Тука доаѓам прв пат, но познат ми е овој регион затоа што од времето кога играв, гостувавме во Белград против тогашна Југославија, кога победивме 4:1, а јас дадов гол“, се присети Барнс, без никаков проблем прифати да биде и дел од нашата стандардна рубрика „Хуманитерен тикет“.
БАРНС ГО ПОЗНАВА ДАРКО ПАНЧЕВ И ЗНАЕ ДЕКА МАКЕДОНЦИТЕ НЕ САКААТ ДА ЈА СЛУШНАТ ДОДАВКАТА СЕВЕРНА
Барнс кој во кариерата постигна преку 200 погодоци иако не играше како класичен напаѓач, имаше познавање и за Македонија. „Од моето време го познавам Дарко Панчев кој е Македонец. Исто така знам дека ова е Македонија, а не Северна, туку само Македонија“, рече Англичанецот што наиде на задоволство кај фановите кои дојдоа да го поздрават во Битола.
Човекот кој дури 10 години беше дел од англискиот гигант, а беше презадоволен од гостопримството во Битола, објасни што всушност значи Ливерпул.
„Ливерпул не е само клуб, тоа е едно големо семејство кое го сочинуваат играчите, луѓето од клубот, навивачите… Тоа е идентитетот на клубот. Нема супер ѕвезди во Ливерпул. Никогаш ниту еден играч не бил поголем од клубот. Дури и оние кои биле најголеми ѕвезди секогаш биле подредени да работат за доброто на екипата. Инаку, може да се случи еден играч да постигне три гола, но тимот да загуби со 4:3, што значи дека работата не е добро завршена. Затоа, во Ливерпул тоа е филозофијата, дека сите сме едно големо семејство“, објаснува Барнс. Тој додаде дека во последните неколку години, таква филозофија дека сите треба да бидат подредени да работат за доброто на клубот го направиле и Пеп Гвардиола во Манчестер сити и Микел Артета во Арсенал.
ДАВА ПОДДРШКА НА СЛОТ, ОТКРИ И КОЈ Е НАЈДОБРИОТ НАПАЃАЧ СПОРЕД НЕГО ВО ЛИВЕРПУЛ
За тие 10 години додека играше за Ливерпул, Барнс освои две титули во првенството, два трофеи во ФА Купот, еден во Лига купот и три трофеи во Комјунити шилд. Играше со многу познати фудбалери, а според него, најдобар напаѓач е Иан Раш.
„Има разлика за тоа кој е најдобар финишер, а кој е најдобар напаѓач. Еден од најдобрите финишери е Роби Фаулер. Одличен напаѓач е и Мо Салах, но тој има неколку шанси за да реализира што значи дека не е најдобар финишер. Свој белег во Ливерпул остави тројката Салах-Мане-Фирмино. Сепак, ако треба да го одберам најдобриот напаѓач што го имал Ливерпул, тоа е Иан Раш“, открива Барнс, додавајќи дека фудбалот од неговото време и сега е многу променет.



