Легендите на германскиот фудбал се искараа пред ТВ камерите пред големото дерби (Видео)

Пред стартот на најголемото германско дерби помеѓу Баерн Минхен и Борусија Дормутнд, пред ТВ камерите дојде до расправија меѓу легендите Оливер Кан и Лотар Матеус.

Причина за кавгата на двете легенди во емисијата на телевизијата Скај е поради последните случувања во Баерн Минхен и смената на тренерот Јулијан Нагелсман, на чие место дојде Томас Тухел.

Матеус кој исто така има настапувано за Баерн Минхен, пред неколку дена за весникот „Кикер“ изјави дека е зачуден што италијански новинар, Фабрицио Романо, прв ја објави веста за смената на Нагелсман и се запраша каде го снема клупскиот слоган „Mia san Mia“ (Ние сме тоа што сме).

Кан кој е претседател на Баерн, не сакаше да ги премолчи коментарите на Матеус во врска со смената на Нагелсман и му одговори на Матеус во емисијата во живо пред големото дерби.
„Би сакал да ви кажам на сите вас кои постојано стоите тука и коментирате дека Баерн нема стил и се прашувате каде го снема тоа „Миа сан Миа“, и што всушност Лотар мисли со тоа“, се запраша Кан.

„Оливер, не водам приватна војна против тебе, можеш да ме побараш кога сакаш. Не велам дека ситуацијата стана полоша, туку дека се променија работите. Дека раководството на клубот има поинаков стил“, одговори Матеус.

Кан не беше задоволен од зборовите на Матеус и од него побара да му одговори на неговото прашање.
„Знам многу луге во Баерн кои ти можеби не ги познаваш“, рече Матеус.

„Но,тоа дека познаваш многу луѓе не е аргумент. Веројатно се сеќаваш дека дури и кога ние игравме во Баерн, мораше да се носат тешки одлуки. Но, се носеа внимателно и никогаш не е лесно“, рече Кан.

Матеус потоа објасни дека кога рече дека Баерн сега има поинаков стил, мислеше на начинот на кој Нагелсман дозна за отказот. Тој беше на скијање во Австрија и од медиумите откри дека повеќе не е тренер на Баерн.

Водителот на емисијата, Себастијан Хелман, го праша Кан зошто прво не го известија Нагелсман за отказот, а потоа да го договорат Тухел како негов наследник.
„Се додека немаме потврда од тренерот, не можеме однапред да ги носиме одлуките. Мораме да имаме јасна и чиста ситуација. За жал, Нагелсман не можеше да дојде во клуботи бидејќи беше на одмор“, се правдаше Кан.

Водителот инсистираше на одговор, по што Кан рече дека тој не дели откази по телефон.
Но, тоа не беше крај на расправијата во живо, бидејќи на полувреме од дербито, Матеус го нападна Кан, кој сега е прв човек на Баерн Минхен.

„Знам дека Кан лаже. Со нападите врз мене сака да го сврти вниманието од неговите проблеми. Но, бев подготвен на такво нешто. Не му одговори на прашањето на водителот и тоа е доказ дека објаснувањето на Кан не е искрено“, рече Матеус.

- Оглас -

Најнови вести