Пари Сен Жермен не дозволи нов кикс во француското првенство и вечерва победи на гости кај Ница со 2:0, во меч од 30. коло. Францускиот првак до победата стигна со по еден гол во двете полувремиња, а интересно е дека стрелци беа фудбалерите кои станаа легенди во шпанското првенство, а потоа направија трансфер во ПСЖ.
Лионел Меси погоди за 1:0 во 26 минута, погодок со кој Аргентинецот во уште една категорија го надмина Кристијано Роналдо.
Во второто полувреме, Ница беше тимот кој повеќе напаѓаше. Домаќините играа отворено, упатија дури 21 шут кон голот на ПСЖ од кои седум беа во рамките на голот, но не погодија ниту еднаш. Казната за Ница стигна во 76 минута кога Серхио Рамос зголеми на 2:0 и тоа по асистенција на Меси.
На крајот тоа се покажа како конечен резултат, па ПСЖ се зацврсти на врвот на табелата со 69 бодови од 30 меча, пред Ленс кој е втор со 63 бодови. Ница остана на осмото место со 45 бодови.