Леброн Џејмс ги постигна последните поени на мечот за минимална победа на Лос Анџелес лејкерс против Атланта од 107:106. Сепак, Леброн не беше херојот за победата на Лејкерс. Таа улога му припадна на Тајсон Чендлер. Центарот на ЛА во последната секунда од мечот го блокираше Јанг, кој тргна да ја положи топката во кошот за триумф на Атланта.
Вистинска драма се случуваше во последните 20 секунди од мечот. Атланта водеше 106:105, а топката беше кај Леброн. Врз него беше направен фаул за две слободни фрлања. Кога се очекува дека „пеналите“ се најлесен начин за реализација, Леброн греши. Дури трет пат сезонава, во решавачките моменти не погодува слободни фрлања за победа.
За среќа, по утнатите слободни, со офанзивен скок, топката заврши кај Кајл Кузма, кој шутираше, но и тој не погоди. Е тогаш Леброн покажа зошто е прва ѕвезда во тимот и со офанзивен скок успеа со забивање да погоди за 107:106. Со 26 поени, очекувано, Леброн беше најефикасен кај победничкиот тим. Лејкерс за првпат сезонава има повеќе победи од порази (7:6), а Атланта остана само на три триумфи од 13 средби.
Милвоки е четвртиот тим кој стигна до 10 победи сезонава. Бакс на гости славеа со 121:114 и се веднаш зад Торонто на Источната конференција.
Резултати: Хјустон – Индијана 115:103, Њујорк – Орландо 89:115, Денвер – Милвоки 114:121, Портланд – Бостон 100:94, ЛА лејкерс – Атланта 107:106.