Најдобриот бразилски фудбалер Нејмар со солзи во очите од клупата го проследи крајот на дуелот на Бразил со Србија, тој доби серија удари, по кои зглобот на десната нога му е отечен.
Нејмар не можеше да го доигра мечот до крај, па Бразилците со право се загрижени за неговата состојба, особено откако се појавија фотографии на кои се гледа хематомот.
Докторот на бразилскиот национален тим, Родриго Ласмар, рече дека треба да поминат 24 до 48 часа за да се види како ќе се развиваат работите со зглобот. Тој не сакаше да дава прогнози, а утре можеби ќе биде направено и снимање.
И покрај тоа што Бразил има огромен напаѓачки потенцијал, евентуалното неиграње на Нејмар на следниот меч, или можеби до крајот на првенството како најлоша варијанта, би било хендикеп за нив.