Претставниците на лекарскиот тим на Интер, дадоа изјава во која велат дека нивниот играч Кристијан Ериксен без проблеми ги минал сите прегледи, и дека кај него не се забележани било какви срцеви проблеми, ниту имал коронавирус. Засега причината за колапсот на Ериксен за време на мечот Данска – Финска не е позната, но се претпоставува дека имал срцев удар.
Откако на Ериксен 15 минути на терен му беше давана лекарска помош, тој беше пренесен во болница, а детали од борбата за животот на фудбалерот искажа докторот на данската репрезентација, Мортен Боесен.
„Кога стигнавме до него, тој дишеше. Но, состојбата се смени многу брзо, и почнавме со масажа на срцето. Добивме фантастична помош од докторот од стадионот и другите лица од брзата помош. Благодарение на заедничката соработка со нив, успеавме да го вратиме Кристијан. Пред да го однесат во болница, тој зборуваше со мене“ – раскажа Боесен.