Македонскиот фудбалер Леонид Игњатов ја продолжува кариерата во Босна и Херцеговина, поточно во Вележ од Мостар, еден од најголемите и најпознати клубови во земјата.
Раководството на клубот од Мостар го претстави своето македонско засилување со пријатни зборови:
„Фудбалскиот клуб Вележ Мостар ги известува своите членови, навивачи и пријатели дека Леонид Игњатов од денес е нов играч на нашиот клуб.
Денес, во присуство на директорот Фарук Караџа, беше потпишан договор кој го обврзува овој офанзивен играч со клубот до крајот на 2027 година.
Леонид Игњатов е роден на 4 јануари 2002 година во Скопје. Почнал во младинските категории на Вардар, а во 2019 година станал член на првиот тим на клубот. Следната година се преселил во Хајдук Сплит, каде останал една сезона, по што се вратил во Македонија, овој пат во ФК Скопје. Покрај овие тимови, Игњатов настапувал и за Силекс и Арсими, од каде доаѓа во Вележ.
Важно е да се нагласи дека Леонид настапувал за сите младински репрезентации на Македонија. Интересно е дека покана да настапи добил од Драги Канатларовски, тренер кој кратко седеше на клупата на Вележ во сезоната 2015/16.
Игњатов целата кариера настапува како крилен напаѓач, и се очекува со својот труд и посветеност во црвениот дрес да биде ефикасен и да помогне на тимот да ги оствари целите на клубот.
Фудбалскиот клуб Вележ Мостар му посакува на новиот играч многу среќа, здравје и заеднички успеси во новиот дрес“, се вели во соопштението на Вележ.

