Лестер е опасен кога игра против фаворит – Јунајтед, Ливерпул и Тотенхем убедливи

Манчестер сити бележи втор последователен пораз откако денес загуби со 2-1 кај Лестер. Англискиот првак по шокот од Кристал палас (2-3), сега одново се бламира, особено откако „лисиците“ стигнаа до трите бода со пресврт. Лестер, пак, оствари многу важна победа, избраниците на Клод Пуел на два меча во низа ги совладаа последните два шампиони во Премиер лигата по минималната победа над Челзи со 1-0 во претходното коло.

Бернардо Силва само по 14 минути игра, им донесе радост за „граѓаните“, но водството траеше само пет минути, па Олбрајтон израмни на 1-1. Неизвесноста траеше до 81-вата минута, а Рикардо Переира го совлада Едерсон за голем пресврт на „Кинг пауер“. До крајот на средбата Сити остана со играч помалку, Делф замина на рано туширање.

Тотенхем со убедливи 5-0 го урна Борнмут, а фудбалерите на Маурисио Покетино реализираа 11 погодоци на последните два меча во Премиер лигата. „Петлите“ стануваат гол-машини, минатото коло шест пати ја тресеа мрежата на Евертон. Тотенхем го искористи третиот пораз на Сити и сега е втор со 45 бода, еден повеќе од шампионот. Голеадата ја започна Ериксен во 16-тата минута, а во првите 45 минути погодија уште Сон и Мура. Хари Кејн погоди за 4-0 во 61-вата минута, а корејскиот офанзивец вторпат се запиша на листата на стрелци на овој меч во 70-тата минута.

Ливерпул со 4-0 му го нанесе 10-тиот пораз на Њукасл сезонава. И по 19 средби, „црвените“ се непоразени во првенството, а по 16-тата победа се зацврстија на врвот на табелата со 51 бода. Ловрен во 11-тата минута го отвори резултатот, додека конечните 4-0 ги поставија Салах, Шаќири и Фабињо во вториот дел од средбата на „Енфилд“.

Манчестер јунајтед беше сигурен против Хадерсфилд со 3-1, Евертон гневот го истури врз Барнли и победи со 5-1, а Кристал палас и Кардиф го одиграа единствениот меч кој заврши без голови.

Резултати 19. коло Премиер лига:

Барнли – Евертон 1-5

Лестер – Манчестер сити 2-1

Ливерпул – Њукасл 4-0

Тотенхем  – Борнмут 5-0

Манчестер јунајтед – Хадерсфилд 3-1

Кристал палас – Кардиф 0-0

 

 

- Оглас -

Најнови вести