Лос Анџелес лејкерс израмни на 1-1 во серијата против Минесота тимбервулфс, додека Индијана пејсерс и Оклахома сити тандер поведоа со по 2-0 против Милвоки бакс, односно Мемфис гризлис во првото коло од НБА-плејофот.
Езерџиите победија со 94-85 во грд меч за гледање, со многу фаули (46) и промашени шутеви за три поени (двата тима заедно имаа 11 троки од 54 обиди). Тие беа решени да победат и веднаш во првата четвртина направија 19 поени разлика.
Лука Дончиќ, кој заврши со 31 поен (трет играч во историјата на Лејкерс кој на првите два плејоф меча за овој клуб имал над 30 поени), во првата четвртина уфрли 16 поени, еден повеќе од целиот противнички тим. Пред мечот, додека Лејкерси се загреваа, Ентони Едвардс дојде кај Лука и го провоцираше, но Словенецот само се насмеа и тоа го искористи како мотив плус да одигра одлично.
Индијана го расипа враќањето на Демиен Лилард во составот на Бакс и победи со 123-115. Паскал Сијакам со 24 поени и 11 скока, и Тајлер Халибартон со 21 поен и 12 асистенции беа предводници на домашниот тим. Ова се тимови кои играле 17 пати меѓу себе во последните две сезони. Јанис Адетокумбо осми пат во кариерата имаше плејоф меч барем со 30 поени, 15 скока и пет асистенции и се изедначи со Карим Абдул-Џабар на првото место во историјата на Елените.
Оклахома откако го разби Мемфис со 51 поен разлика на првиот меч, пак беше убедлива против Гризлите, но сега имаше и малку милост, па ги совлада со 118-99. Тандер повторно беше доминантен, не губеше во ниту еден момент од средбата, во првите три и пол минути не дозволи да прими кош и веднаш покажа кој е кој во оваа серија. Шај Гилџиус-Аександер постигна 27 поени.