Лев играше со потполно ист тим на два меча, сега ќе менува за Македонија

Германците одиграа два меча со потполно ист стартен состав и ги победија Исланд со 3:0 и Романија со 1:0, но според најавите на Јоаким Лев, ќе нема хет-трик со почетните 11 против Македонија задутре во Дуисбург.

Нојер бранеше на двата меча во формација со четворицата дефанзивци Клостерман, Ридигер, Џан и Гинтер, трилингот Гиндоган, Кимих и Горецка во средниот ред и напаѓачите Сане, Гнабри и Хаверц.

Се очекува, пред сè, Тимо Вернер да почне како еден од напаѓачите против нас, а можно е да има и уште по некоја замена и во останатите линии во составот што пишува историја на германскиот репрезентативен фудбал и има рекордни 18 победи по ред во квалификациски мечеви за настап на Светско првенство.

„Можно е да има промени, пред сè, зависи од повредите и заморот кај играчите. Забележавме две победи и засега го остваруваме планот“, изјави Лев.

Селекторот во заминување, кој ќе ги води четирикратните светски прваци на ЕП летово и потоа си оди по 15 години селекторување, веројатно ќе мора да отстапи од првилото „дека тимот што победува, не се менува“.

Германија останува голем фаворит против нас, има огромен број квалитетни фудбалери што играат во најсилните лиги на светот, а Македонија е на ред да се обиде да приреди чудо во Дуисбург и да ја сопре серијата од 18 победи по ред на домаќините во квалификациски мечеви за пат на Мундијалите.

Германија е непоразена во вакви дуели од 2001 година, кога во септември како гостин ја декласира Англија со 1:5.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести