Не менуваат толку лесно, макар и по пораз од 0:6 – Лев преживеа, продолжува како селектор на Германија

Јоаким Лев преживеа и ќе продолжи како селектор на Германија е одлуката што денеска ја донесоа челниците на Фудбалскиот сојуз.

Лев беше цел на остри критики по дебаклот од 6:0 против Шпанија, но, сепак, ја доби довербата од раковдството на ДФБ.

Аргументите се дека Лев успеал да обезбеди пласман на Европското првенство што ќе се игра идната година, а патем Германија успеа и да го продолжи престојот во Сегментот А во Лигата на нациите, иако втора сезона по ред во новото натпреварување на УЕФА нема да игра на завршниот турнир за титулата.

Лев ќе продолжи да кормилари со бродот на четирикратниот светски првак, па најавено е дека тој ќе го предводи „Елфот“ и во квалификациите за Мундијалот во 2022 година и за следните квалификации за ЕП, шампионат што треба да се игра во 2024 година.

Популарниот Јоги е еден од најдолговечните селектори на германската репрезентација, а со националниот тим е вкупно 16 години.

Од 2004 до 2006 година му беше помошник на Јирген Клинсман, а потоа самостојно беше селектор на Германците и опстојува веќе 14 години.

Најголем успех му е светската титула освоена на Мундијалот во Бразил во 2014 година, а сè уште се памети неверојатната победа од 7:1 против домаќинот во полуфиналето во Бело Хоризонте.

Германија со него на клупата го освои и Купот на конфедерациите во 2017 година, а има и сребро од ЕП 2008 и бронза од Мундијалот во 2010 година.

 

- Оглас -

Најнови вести