Алваро Мората не го погоди возможното во 58-мата минута од дуелот меѓу Шпанија и Босна и Херцеговина. Се играше пријателски меч во Лас Палмас, а шпицот на домаќините не беше во ритам во текот на сите 65 минути што ги одигра. Како врв на лошата игра на Мората, беше утката во 58-мата минута, кога беше сам на 4-5 метри од голот на БиХ, голманот веќе беше паднат, но Алваро се сплетка. Лева, десна и Енрике збесна, а Мората не погоди нешто што е многу тешко да не се пласира во празната мрежа. Само по шест минути од неверојатната утка, селекторот на Шпанија, Луис Енрике, реагираше и го замени Мората со Родриго, а спас за „црвената фурија“ донесе уште една резерва.
Браис Мендез од Селта дебитираше со гол за Шпанија во 78-мата минута, доволно за триумф и барем мала утеха за поразот од Хрватска во Лигата на нациите, по кој беа загубени шансите за пласман во полуфиналето и битката за трофејот.