Лева заплака по првенецот на Мундијалите: Како стареам, станувам сè поемотивен

Капитенот на фудбалска репрезентација на Полска, Роберт Левандовски, изјави дека му се остварил сонот откако го постигна првиот гол на настапите на Светските првенства.

Полска денеска ја победи Саудиска Арабија со 2:0 во второто коло од групата Ц на Светското првенство во Катар. Левандовски беше стрелец во 82-та минута и тоа беше негов прв гол на Светските првенства по пет одиграни натпревари.

По голот, Левандовски ги рашири рацете и падна на тревата, а соиграчите притрчаа кон него за да му честитаат. Кога стана, тој ги избриша солзите, а по натпреварот објасни зошто бил толку емотивен.

„Сè што имав во мене, се оствари. Сите тие соништа од моето детство. Затоа ми беше толку важен овој момент. Како стареам, сè повеќе станувам емотивен. Свесен сум дека кога станува збор за Светското првенство, ова би можело да ми биде последно. Мојот сон беше да играм на Светско првенства и да постигнам гол – изјави Левандовски.

Во последното трето коло од групата Ц кое ќе се игра в среда, на 30 ноември, Полска ја очекува пресметка со Аргентина, додека Саудиска Арабија ќе игра со Мексико.

- Оглас -

Најнови вести