Напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски, е подготвен да ја намали својата плата за да остане во каталонскиот гигант. И покрај интересот од клубови од МЛС и од Саудиска Арабија, полскиот репрезентативец ѝ дава предност на стабилноста и комфорот на своето семејство во Барселона и сака да го продолжи договорот со клубот.
Левандовски јасно ја изразил својата желба, дури и ако тоа значи да прифати намалување на платата.
Со оглед на тоа што во август ќе наполни 38 години, поранешниот фудбалер на Баерн Минхен покажува подготвеност да прифати и помала улога во тимот, додека Барселона се обидува да се справи со финансиските ограничувања.
Иднината на напаѓачот е тесно поврзана и со неговиот агент Пини Захави, кој неодамна беше забележан во Барселона. Сепак, се смета дека главната цел на неговата посета била да му даде поддршка на својот пријател Жоан Лапорта за време на претседателските избори во клубот.

