Голгетерот на Барселона, Роберт Левандовски, неодамна започна свој бизнис во родниот град Варшава во Полска. Како и многумина фудбалери, Левандовски се одлучи за влез во угостителството и отвори ресторан кој го носи името „Деветка“.
Токму деветката е бројот по кој Левандовски е препознатлив на теренот, а овој број преовладува во ресторанот на прославениот фудбалер. Највпечатливи се переците кои се во облик на бројот 9, а тука се и столовите, скалите и уште добар дел од останатиот инвентар на кој има „деветка“.
Дел од местата за седење во ресторанот се во истите фотелји на кои фудбалерите седат на резервната клупа. Интересно е дека кафетерија со истото име „Деветка“ веќе долго време има и македонската фудбалска легенда Дарко Панчев, кој многу години пред Левандовски беше „деветката“ за страв и трепет на противничките голмани во цела Европа.
Левандовски се промовираше како играч на Борусија Дортмунд, потоа врвот на кариерата го имаше носејќи го дресот на Баерн Минхен, а од летото 2022 година е играч на Барселона. Сезонава во 21 меч вкупно постигна девет гола.