Левандовски сака нов предизвик, од Барса сели во Милан?

Роберт Левандовски кој е пред разделба со Барселона, нема ништо против кариерата да ја продолжи во Милан, објави „Газета дело спорт“.

Ова не е прв пат Полјакот да се поврзува со Милан, клуб кој сака нов напаѓач. Никлас Филкруг ќе се врати во Вест Хем на крајот од позајмицата, а тренерот Макс Алегри секако би бил среќен ако го добие Левандовски и тоа како слободен играч без клубот да плати отштета. По истото сценарио Росонерите го привлекоа и Лука Модриќ.

Ветераните од Хрватска и Полска беа ривали во шпанската лига, а сега би можеле да заиграат заедно како тандем.

Левандовски има договор до 30 јуни, има богати понуди од САД и Саудиска Арабија, но негов приоритет е да остане во Европа. Тој пристигна во Барселона во летото 2022 година од Баерн Минхен за 45 милиони евра, и ја оправда довербата, на 186 натпревари за Барса, постигна 118 гола и регистрираше 23 асистенции.

Платата му е висока, но Росонерите ќе ги направат своите пресметки дали ќе може да си го дозволат, и од тоа најмногу ќе зависи трансферот на Леви.

Левандовски сака да остане во Барселона, но веројатно ќе треба да си оди летово. Инаку 37-годишниот Полјак оваа сезона има постигнато повеќе голови од Леао и Пулишиќ кои се најдобрите стрелци на Милан.

Освен Милан, од Серија А тимовите и Јувентус е заинтересиран за голгетерот.

- Оглас -

Најнови вести