Левандовски влезе во клубот 100, но дали може да ги стигне Меси и Роналдо?

Роберт Левандовски постигна еден гол во убедливата победа од 5:0 над Антверпен во Лигата на шампионите. За полскиот голгетер овој погодок е посебен затоа што е јубилеен 100-ти во европските купови на УЕФА.

Еден од најдобрите офанзивни играчи во последните 15-тина години вкупно има одиграно 139 европски средби и стигна до троцифрен број погодоци. Има дадено шест гола во 16 средби за Лех Познањ, како играч на Борусија Дортмунд погодил 18 пати во 36 дуела, а најефикасен беше додека го носеше дресот на Баерн Минхен, кога во 79 дуели погоди 69 пати. Сега во дресот на Барселона има седум гола во осум натпревари.

Од овие 100 погодоци, дури 92 се во Лигата на шампионите, и тоа само за 112 дуели. Два гола има во Лигата на Европа, три во Купот на УЕФА, два во квалификациите за ЛЕ и еден во квалификациите за Купот на УЕФА.

Левандовски е третиот најефикасен фудбалер во историјата на европските купови. Пред него се само Кристијано Роналдо со 144 гола и Лионел Меси со 132 погодоци. Роналдо е лидер и во класификацијата на најдобри стрелци во ЛШ, каде што има 140 погодоци, а Меси тука е застанат на 129.

Со оглед на тоа дека ниту Роналдо ниту Меси веќе не играат во Европа, ова е шанса за Левандовски во следниот период да се обиде да ги стигне двајцата најдобри голгетери.

- Оглас -

Најнови вести