Леванте и Енис Барди сензационално избегнаа пораз од Барселона при конечни 3-3, односно им откинаа два бода на Каталонците кои им беа важни за шампионската трка во Ла Лига. Барса испушти двојна предност при резултат од 2-0, а потоа водеа и со 3-2, но Леон во 83-тата минута го постави конечниот резултат кој не издвои победник.
Меси со фантастичен волеј во 25-тата минута ја отвори возбудливата средба, а за помалку од 10 минути Педри зголеми на 2-0 и се наѕираше новиот триумф на Каталонците.
Иако се чинеше дека ова ќе биде рутински дуел за гостите, Мелеро и Моралес во 57-мата, односно 59-тата минута експресно израмнија на 2-2. Само пет минути траеше неизвесноста, а Дембеле имаше доста среќа при неговиот гол со кој им донесе ново водство на Каталонците, но тоа не беше доволно за победа.
Леванте не сакаше да се предаде знаејќи дека еднаш се врати во игра, па погодокот на Серхи Леон беше потврда за нивната лавовска борба, а дел од вината оди на Тер Штеген, кој лошо го бранеше поблискиот дирек.
Сега Барселона е на второто место со 76 бода, еден помалку од лидерот Атлетико, а еден бод повеќе од Реал Мадрид, кои допрва треба да ги одиграат дуелите од 36-тото коло. Барди на теренот беше до 61-вата минута, пред да му го отстапи местото на Гомес.