Левски доби уште една жестока казна од УЕФА за провокациите на дуелот против Шкупи

За помалку од еден месец, бугарскиот тим вторпат е казнет од Европската фудбалска куќа (УЕФА) и вторпат тоа е по дуел против Шкупи во квалификациите од Конференциската лига на УЕФА. Откако Левски беше казнет со 40.000 евра поради дивеењето на нивните навивачи на гостувањето во Скопје на стадионот „Тодор Проески“, овојпат казната изнесува 38.750 евра. Тоа значи дека од двата меча против Шкупи, Левски заработи вкупна казна од 78.750 евра од УЕФА.

Левски со 1:0 го победи Шкупи во Софија, а дисциплинската комисија на УЕФА како „честитка“ за неспортското навивање на домашните навивачи распредели неколку казни, а вкупната глоба е 38.750 евра.

Левски е казнет со 15.000 евра поради провокативните и агресивни пораки истакнати на трибините. Навивачите на Левски имаа истакнато парола на која пишување „Илинден мајко! Илинден за Бугарите е Велигден“. Казната за употреба на пиротехника и димни бомби е 2.000 евра, додека 9.750 евра е поради фрлање тврди предмети на теренот. Казна од 12.000 евра е поради присуство на неофицијални лица покрај теренот.

 

- Оглас -

Најнови вести