Европската фудбалска куќа веќе загуби многу милиони евра поради тоа што мораше да го одложи Европското првенство за следната година, а сега целта е да се комплетираат натпреварувањата во Лигата на шампионите и Лигата на Европа. На вчерашниот состанок во Нион не беше донесен конкретен план за тоа како да се доиграат мечевите од домашните првенства и европските натпреварувања, но договорот е целата сезона да биде комплетирана до крајот на јуни.
Еден од плановите на УЕФА е Лигата на шампионите да се игра во необичен термин, а тоа е за викенд. Таква опција постои за да им овозможи на домашните првенства да ги одиграат преостанатите кола во забрзан ритам за време на работната недела.
Засега најкритично е во италијанската Серија А. Таму остануваат да се доиграат дури 12 кола, плус некои заостанати мечеви. Во Бундеслигата и во Премиер лигата се останати уште по девет кола, па таму е многу поверојатно да се најдат пристојни термини за комплетирање на сезоната до крајот на јуни.
Претпоставките се дека финалето на Лигата на Европа ќе може да се одигра на 24 јуни во Гдањск, а завршниот меч од Лигата на шампионите да биде три дена подоцна во Истанбул.
Најоптимален датум за рестарт на првенствата е 14 април, што значи дека до завршување на сезоната би имало 10 слободни викенди и девет слободни среди. Доколку фудбалот се „одмрзне“ на 5 мај, во тој случај веројатно ќе треба да се игра фајнлфор-турнир во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа.
Фудбалот не само во Европа туку и во поголемиот дел од светот е на принудна пауза поради пандемијата со Коронавирусот од која досега се заразени речиси 200.000 луѓе.