Лигата на нациите ни ја разубави фудбалската 2018 година

Македонија конечно по пост од речиси три децении, има одлична шанса да се пласира на големо натпреварување, а картите ни се отворени на два фронта.

Едниот, Лигата на нациите, го одигравме одлично и во конкуренција на Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар го освоивме првото место во нашата група во Сегментот Д, што нѐ носи само на два чекори од настап на Европското првенство во 2020 година.

Со пет победи и еден пораз избраниците на селекторот Игор Ангеловски успешно ја заокружија годината, што ни носи надеж за подобро фудбалско утре.

Годината ја почнавме со два пријателски натпревари во Анталија, против Финска и Азербејџан. На „Глорија арената“ ремизиравме без голови против Финците, а потоа на „Мардан“ на мегдан ни излезе Азербејџан. И против нив одигравме нерешено, но со по еден гол во двете мрежи и ја продолживме серијата без пораз на 7 меча по ред.

ЛИГА НА НАЦИИ, НОВ ПРОЕКТ НА УЕФА КАКО ПОРАЧАН ЗА МАКЕДОНИЈА

УЕФА во вистински момент се одлучи да промовира нов проект, Лигата на нациите за репрезентации, со одлична опција шампионите на четирите сегменти А, Б, Ц и Д да играат на Европското првенство во 2020 година.

Македонија почна од последниот по квалитет ранг на натпревари и со 15 бодови убедливо го освои посакуваното прво место. Лихтенштајн и Гибралтар ги победивме по двапати, а со Ерменија си поделивме по еден триумф и пораз на домашен терен.

Во 2018 година со првото место во нашата група си обезбедивме пробив еден ранг погоре, во Сегментот Ц во следното издание на Лигата на нациите. Но, и што е уште поважно, ќе имаме предност на домашен терен против Косово во нокаут-мечот во март 2020 година. Ако го минеме полуфиналето, нѐ очекува дуел против Грузија или Белорусија како последна пречка на патот кон историја и прв пласман на континентален шампионат.

ПАНДЕВ НЕ СТАРЕЕ, ПОЛСКАТА ГАРДА Е ЗРЕЛА ЗА УСПЕСИ

Горан Пандев има 35 години, но сè уште е лидер на теренот во нашата репрезентација. Во 2019 година нѐ очекува квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2020, како втора шанса, по полуфиналето во Лигата на нациите.

Капитенот сигурно ќе игра на дуелите од нашата група против Полска, Австрија, Израел, Словенија и Летонија, во циклусот што ќе почне во март следната година и ќе заврши во ноември.

Групата е изедначена и Македонија има шанси за подвиг преку редовните квалификации да си обезбеди настап на ЕП во 2020 година. Ако не, тука е алтернативниот пат, со две победи во завршницата на Лигата на нациите, да запишеме историја.

Како до патот на Европско првенство знае младата гарда предводена од Бобан Николов, Енис Барди, Дарко Велковски, Елиф Елмас, Висар Муслиу и уште неколку млади македонски фудбалери, кои играа на младинското ЕП во Полска во 2017 година. Со нив и со дел од поискусните репрезентативци Македонија има одлична шанса да се најде на собирот на најквалитетните европски селекции на јубилејниот шампионат, што ќе се игра во 12 различни земји, со финале во Лондон, на легендарниот „Вембли“.

ВАРДАР ДАЛЕКУ ОД РЕПРИЗА, НА ШКЕНДИЈА Ѝ СЕ ПОВТОРИ ПРОКЛЕТСТВОТО НАРЕЧЕНО ПЛЕЈОФ

Шкендија и третпат по ред не успеа да го урне проклетството наречено успех во плејофот во Лигата на Европа. По Гент и Милан во завршната етпата од циклусот квалификации за пласман во фазата по групи во ЛЕ, подобри од Тетовците беа фудбалерите на Розенборг. Ако во претходните обиди Гент и Милан беа пресилни и преголеми пречки за историски успех, Розенборг беше „печен“ за елиминација, иако во Скопје допатува со предност од 3-1. Ибраими и Емини не погодија пенали во реваншот и двајцата при резултат 0-0, а потоа норвешкиот првак казни со два гола во финишот за нова елиминација на Шкендија на последниот чекор.

Вардар со тоа остана единствената екипа од Македонија што играла групна фаза во Лигата на Европа, но најтрофејниот клуб беше далеку од реприза на 2017 година. „Црвено-црните“ по историскиот успех во претходниот циклус, во 2018 година веднаш се простија од настап во Европа, а ги елиминираше Пјуник со две победи.

Идентично минаа и Работнички против Хонвед и Шкупи со Глазгов ренџерс, па зимата беше далеку за македонските екипи во еврокуповите.

На домашен план, Шкендија беше неприкосновена и ги освои двете титули, во домашното првенство со рекордна разлика од 35 бодови пред Вардар и во националниот куп со рутински триумф од 3-0 во финалето против Пелистер.

Тетовци се лидери на табелата во домашното првенство и во новата сезона и 2018 година ја завршија на врвот со пет бодови повеќе од Вардар.

 

- Оглас -

Најнови вести