Македонската фудбалска репрезентација одиграла 290 официјални мечеви против 67 различни репрезентации, а токму Лихтенштајн е нашиот најомилен ривал. Против оваа мала земја имаме одиграно 11 средби, а билансот ни е речиси перфектен.
Вкупно 10 победи и само едно реми има Македонија во досегашните 11 средби против Лихтенштајн. Против оваа селекција ја имаме и најубедливата победа во нашата фудбалска историја, а тоа е со 11:1, на 9 ноември во 1996 година, и тоа во Вадуц.
Лихтенштајн единствено не загубил на 8 септември 2002 година, кога беше 1:1. Во досегашните 11 средби, Македонија има постигнато дури 42 гола против Лихтенштајн, а нашата селекција примила само пет погодоци.
Против ниту една друга репрезентација во светот Македонија нема ваков добар биланс и против ниту една друга репрезентација Македонија не може да се пофали дека има двоцифрен број победи.
Едноставно, Лихтенштајн е нашиот омилен ривал и тоа треба да го потврдиме со нова победа на утрешниот дуел во Вадуц.