Македонија го навикна Лихтенштајн на покери и тоа октомвриски, а денешната победа во Скопје од 4:1 не води чекор поблиску до плејофот за настап на Европското првенство во 2020 година.
Горан Пандев беше креатор на новата октомвриска победа против истиот ривал, што лани го декласиравме во Струмица со 4:0. Сега гостите постигнаа почесен погодок, но Македонија покажа дека има квалитет за да го освои Д сегментот во Лигата на Нации.
Италијанската врска Пандев – Трајковски функционираше беспрекорно и по половина час веќе водевме со 2:0. Пандев мајсторски асистираше, а Трајковски погодуваше во десеттата и 30. минута.
Само 360 секунди подоцна Пандев одлучи и сам да погоди, а Македонија имаше убедлива предност од 3:0. Јилдиз постигна почесен погодок за Лихтенштајн, но Езџан Алиоски со нов извонреден серијал од потези ја надмудри одбраната на гостите и со гол во 67. минута ги постави конечните 4:1 за Македонија.
По 3 кола имаме максимален учинок и 9 бода, а во прилог ни оди и сензационалната победа на Гибралтар против Ерменија на гостински терен. Во Ереван за три дена со победа или реми сигурно ќе бидеме полуфиналисти во Д сегментот за настап на ЕП 2020 година.