Репрезентацијата на Лихтенштајн ќе биде посилна за најискусниот играч и поранешен капитен Мартин Бухел за мечот со Македонија, што ќе се игра задутре на „Рајнпарк“ во Вадуз од 20.45 часот.
Популарниот Поло, како што му е прекарот на 34-годишниот репрезентативец на Лихтенштајн, нема играно за националниот состав оваа година откако пред повеќе од шест месеци се повреди.
Сега е подготвен за настап, па од селекторот Мартин Штокласа зависи дали ќе биде стартер или ќе почне на клупата за резерви.
Мартин Бухел е играчот со најмногу настапи во репрезентацијата на Лихтенштајн од активните фудбалери и досега има одиграно 88 натпревари.
Тој беше и капитен на Лихтенштајн, но по повредата и неговото отсуство, капитенската лента ја презеде Николас Хаслер.
Македонија има 9 победи и само едно реми, без пораз против Лихтенштајн, па задутре ја очекува и десеттата победа за да ги продолжи надежите за пласман на Мундијалот во Катар.
Бухел има играно против нашата репрезентација, но без ефект и нема успех против Македонија. Нашата репрезентација во 1996 година го победи утрешниот домаќин со 11:1 во Вадуз, што е највисока победа во македонската фудбалска историја.