Финалето на фјучрс турнирот во Букурешт на најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ѝ донесе нови 49 поени и така Лина на денешната најнова ВТА-листа се најде на 207-мото место, што е голем напредок за 32 места во однос на минатата недела.
Ѓорческа има пет финалиња во 2025 година, две титули, а добрата форма се надеваме ќе ја продолжи на турнирот во Куршумлиска Бања, кој се игра за награден фонд од 60.000 долари и исто така е на земјена подлога.
На машката АТП-листа нема промени кај најдобрите десетмина, прв е Карлос Алкарас пред Јаник Синер, а најдобро рангиран Македонец е Калин Ивановски на 801-во место.