Македонската тенисерка Лина Ѓорческа, која во моментот е на 355-тото место на ВТА-листата, избори пласман во осминафиналето на челенџер турнирот во Куршумлиска Бања (Србија) откако со пресврт ја совлада значително подоброрангираната Гркинка Деспина Папамихаил (220-та на светот) со 2-1 во сетови (3-6, 6-1, 6-2).
Ѓорческа лошо го започна мечот и го загуби првиот сет, но потоа ја крена играта на повисоко ниво и до крајот ѝ дозволи на противничката да освои само три гема. Со агресивен настап и четири реализирани брејка, вториот сет го доби убедливо со 6-1. Во одлучувачкиот сет прво го загуби својот сервис, но веднаш возврати со три освоени сервиси на ривалката за конечен триумф.
Овој успех доаѓа само три дена по нејзиниот настап во финалето на фјучерс турнирот на истата локација каде што не успеа да ја освои титулата. По елиминацијата на четвртата носителка на турнирот, во следната рунда Лина Ѓорческа ќе игра против Русинката Дарија Астакова.