Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа на стартот од новата сезона ја очекува настапот на Отвореното првенство на Австралија во Мелбурн.
Таа по третпат во кариерата ќе биде дел од квалификациите на овој голем турнир. Во својот прв настап во Мелбурн во 2017 година беше на чекор до главниот турнир, а во 2024 испадна во првото коло.
„Во јануари е почетокот на сезоната и не може да се има поубав старт од Отвореното првенство на Австралија. Се подготвувам за успешен настап. Еднаш бев многу блиску и се надевам дека сега ќе го скршиме мразот и ќе изборам пласман на главниот турнир. Сон на секој тенисер е да учествува на гранслем-турнирите, така и за мене. Се надевам дека ќе имам учество и на главен турнир, а оваа година ќе имам и настапи на повеќе ВТА-турнири“, изјави Ѓорческа.
Таа во Скопје ќе се подготвува за настапот во Мелбурн, а за Австралија патува на 4 јануари.

