Една од најдобрите скијачки на сите времиња, Линдзи Вон, на Зимските олимписки игри пристигна со желба во 41-вата година од животот да освои медал, иако само десетина дена пред настапот на најголемата спортска смотра се повреди, скина преден вкрстен лигамент на коленото.
За жал, нејзиниот настап во спустот заврши со сериозен пад, по кој беше пренесена во болница со хеликоптер.
Вчера по повод падот се огласија Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и Меѓународната скијачка и сноуборд федерација (ФИС), нагласувајќи дека Вон одлучила да настапи на Олимписките игри и покрај повредата.
Со статус на „Инстаграм“, сепак, Линдзи Вон објасни дека падот немал никаква врска со претходната повреда.
„Мојот олимписки сон не заврши онака како што посакував. Не беше крај од приказна или бајка, тоа беше живот. Се осмелив да сонувам и вложив сè за да го остварам својот сон. Во спустот разликата помеѓу стратешката линија и катастрофална повреда може да биде само 12 сантиметри.
Бев само 12 сантиметри од својата линија кога мојата десна рака се закачи за капијата, ми се сврте и предизвика пад. Мојот преден вкрстен лигамент и претходните повреди немаа никаква врска со падот.
За жал, добив комплицирана фрактура на тибијата, која е стабилна во моментот, но ќе бидат потребни повеќе операции за правилно заздравување.
Иако не заврши онака како што посакував, и покрај интензивната физичка болка, не жалам за ништо. Стоењето на стартната капија беше неверојатно чувствo кое никогаш нема да го заборавам. Знаењето дека сум таму и имам шанса да победам беше победа сама по себе. Исто така, знаев дека трката носи ризик. Секогаш беше и ќе остане неверојатно опасен спорт.
Како и во скијањето, ние ризикуваме и во животот. Сонуваме. Сакаме. Скокаме. А понекогаш паѓаме. Понекогаш ни се скршени срцата. Понекогаш не ги остваруваме соништата за кои знаеме дека можеме да ги имаме. Но, тоа е убавината на животот, можеме да пробаме.
Јас пробав. Сонував. Скокнав.
Се надевам дека ако од моето патување нешто ќе понесете, тоа е да имате храброст да се осмелите. Животот е премногу краток за да не ризикувате. Зашто единствениот неуспех во животот е да не пробате.
Верувам во тебе, исто како што и ти веруваше во мене“, напиша Линдзи Вон.
View this post on Instagram

