Американската скијачка Линдзи Вон, која доживеа сериозна повреда на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, сега е во стабилна состојба по падот и извршената операција.
41-годишната спортистка падна со голема брзина само 13 секунди по стартот на женскиот спуст, при што ја скрши левата нога и беше итно пренесена со хеликоптер во болницата во Тревизо.
Веднаш по операцијата, Вон преку својот менаџерски тим се обрати до јавноста со кратка порака.
„Се чувствувам разочарана, но верувам дека ќе закрепнам брзо. Среќна сум што сум во рацете на вистински професионалци. Рехабилитацијата ќе оди според планот. Благодарна сум на сите за брзата медицинска помош и на фановите за нивната огромна поддршка“, порача американската скијачка.
Вон се надеваше дека нејзиниот последен настап на Олимписките игри ќе биде многу поуспешен, но враќањето на патеката заврши со сериозен пад и скршеница на ногата.

