5.8 C
Skopje
понеделник, 16 февруари 2026

Линдзи Вон се подготвува за враќање дома и за нови операции

Легендарната американска скијачка Линдзи Вон се подготвува за враќање во САД и нови оперативни зафати, откако доживеа тежок пад во спуст на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.

Падот се случи само 13 секунди по стартот на трката на 8 февруари, кога Вон закачи капија и со голема брзина заврши во заштитната мрежа. Веднаш беше евакуирана со хеликоптер во болница во Италија.

Вон заработи комплексна скрешница на тибијата (потколеницата) на левата нога, повреда што бара повеќе хируршки интервенции. Досега 41-годишната Американка имаше најмалку три операции во Италија.

Претседателката на Американската федерација за алпско скијање и сноуборд, Софи Голдшмит, изјави дека медицинскиот тим на американската олимписка делегација го координира нејзиното закрепнување и го подготвува нејзиното враќање дома за дополнителни зафати.

Според неа, Вон е во стабилна состојба и не чувствува силни болки.

Она што ја прави ситуацијата уште поимпресивна е фактот дека само девет дена пред оваа трка, Вон ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото. Сепак, реши да настапи на Олимписките игри во Милано и Кортина.

Нејзината изјава открива многу за нејзиниот карактер:

„Ништо во животот не е гарантирано. Тоа е коцкање кога ги бркаш своите соништа. Можеш да паднеш, но ако не се обидеш – никогаш нема да знаеш за што си способен.“

Ова не е прва тешка повреда во кариерата на Вон. Сега ја чека нова, долга битка. Не на патеката, туку низ рехабилитациски процес.

И ако историјата нешто нè научила – тоа е дека Линдзи Вон никогаш не се откажува.

- Оглас -

Најнови вести