Лино Червар предлага нападите во ракометот да траат 24 секунди!

Во интервју за најпопуларниот хрватски портал „Индекс“, ракометниот стручњак Лино Червар даде интересно мислење околу тоа какви промени му се потребни на ракометот.

Поранешниот македонски селектор и долгогодишен тренер на скопскиот Металург, меѓу другото, предлага еден напад да трае 24 секунди, исто како во кошарката.

Червар, кој со Хрватска беше светски и олимписки шампион, смета дека со сегашните правила ракометот не може да биде водечки спорт во сала бидејќи правилата отвораат простор за бројни манипулации и неправди.

„Како може субјективните мислења на судии, аматери да одлучуваат што е точно, а што не. Често сме сведоци на бројни случаи на спортска неправда кои се во спротивност со Олимписката повелба. Познавајќи го системот на работа во ИХФ и ЕХФ, кои долго време не ги менуваат правилата и ги приспособуваат, често сме сведоци на бројни спортски неправди. Сите учесници во ракометот мора да имаат еднакви шанси и дека правилата на ракометната игра мора да бидат јасни и праведни, на пример: во моментот кога топката е во посед на напаѓачката екипа. Ве молам, некој да ми објасни кој овластил судија аматер да суди колку долго можам да ја имам топката? Од каде го добил тоа знаење, од каде ја добил таа компетентност? Ајде да воведеме 24 секунди и сите да имаат исти услови. Потоа пробивањето. Во истата акција судијата може да суди седмерец, обичен фаул, фаул во напад… Сè повторно одлучува судијата исклучиво врз основа на субјективност. Дали тоа ви изгледа нормално или ненормално?“, вели Червар.

Инаку, по изборот на Дагур Сигурдсон за селектор на Хрватска, прв странец селектор во нивната историја, Лино вели дека можеби сега му е шанса да ги добие парите кои му се должат.

„За две сезони ми должат 240.000 марки и тоа стои во договорот што го имам. Ако има толку пари за странски тренер, тогаш секој ден очекувам некој да ми се јави и да ми ги врати тие пари“, додава Червар, кој 12 години беше селектор на Хрватска.

- Оглас -

Најнови вести