Сагата околу трансферот на францускиот талент Рајан Черки во Манчестер сити влегува во завршна фаза. Според француските медиуми, Лион ја одбил првата официјална понуда од англискиот премиерлигаш, но во подготовка е нов, подобрен предлог.
21-годишниот офанзивен играч веќе дал зелено светло за преселба на „Етихад“ и сега го очекува само договорот меѓу двата клуба. Черки одигра блескава сезона со 12 голови и 20 асистенции во сите натпреварувања, а во Сити го гледаат како потенцијален наследник на Кевин Де Бројне, кој замина од клубот на крајот од сезоната.
„Черки е потполно смирен и фокусиран на мечот со Германија в недела“, пренесува неговиот агент, додавајќи дека играчот индиректно потврдил дека трансферот „веќе се работи“.
Според информациите, Черки има откупна клаузула во износ од 25 милиони фунти (околу 29 милиони евра), а неговиот договор со Лион истекува во 2026 година. Францускиот клуб сè уште не дава официјални изјави, но одбивањето на првата понуда сигнализира дека се очекува поголема сума.