Македонија е поразена на домашен терен од Литванија со 67-82, во натпревар кој многу ја оддалечи нашата репрезентација од пласман на Евробаскетот кој ќе се игра следната година.
Литванците беа големи фаворити против македонскиот состав и пред мечот, а улогата ја оправдаа веднаш, тргнаа силно и направија голема предност уште во првата четвртина.
Кристијан Николов кој беше најефикасен македонски поединец со 18 поени, врза 10 поени по ред во вториот квартал, и колку-толку спречи поубедлив дебакл на пауза.
Македонија заигра поагресивно во третата четвртина, до/јде и на 13 поени негатива, но победата на гостите не беше загрозена во ниту еден момент, разликата во квалитет и физичка сила беше видлива, борбата беше само за што почесен пораз.
Во финишот, судиите го навлекоа гневот на публиката после една сомнителна одлука во претпоследната минута при резултатот 67-78 кога згасна и последната шанса за некакво чудо.
За три дена следува гостување кај Литванија, а ако Естонија ја победи Полска двапати, Македонија ќе ги загуби и теоретските шанси за пласман на ЕП. Доколку Полјаците ја совладаат Естонија, тогаш веројатно гостувањето на Македонија кај Естонија во февруари ќе решава кој да биде патник на ЕП.